ГЕНИТАЛЕН ХЕРПЕС
1. Што е генитален херпес?
Херпесот е полово пренослива болест ( ППБ ) предизвикана од herpes simplex virus ( тип 1 и 2 ). Се појавува речиси подеднакво и кај машката и кај женската популација, со најголема застапеност меѓу адолесценти и млади од 20-29год. Честотата е директно поврзана со бројот на секс.партнери, сексуалните навики ( орален или анален секс ), и социоекономските услови за живот.
2. Како се пренесува гениталниот херпес?
Тип 1 и 2 ХСВ може да се излачи од кожните промени додека болеста е манифестна, но и од плунка, секрет од око и гениталии. Затоа личноста скоро секогаш се заразува со ХСВ-2 преку незаштитен сексуален однос со личност која има генитален херпес. ХСВ-1 предизвикува херпес на устата, а во генитална регија може да се пренесе преку орално-генитален сексаулен контакт со инфицирано лице.
3. Како се манифестира?
Најчесто инфекцијата поминува асимптоматски или со минимални знаци.
Инкубацијата е од 7-14 дена, а типична промена која се забележува е во вид на едно или повеќе меурчиња, на црвена основа во предел на гениталиите или анусот, пратени со јадеж, локална болка или пецкање на зафатената регија.Може да се јават и општи знаци на инфекција ( малаксаност, покачена температура и сл.) Во својата еволуција, меурчињата прскаат, оставајќи ситни ранички кои зараснуваат за 2-4 недели. Во анална регија пратени се со болна и отежната дефекација.
И покрај повлекување на симптомите, Херпес симплекс е вирус кој се задржува во клетките на организмот и има склоност да се повторува спонтано или при пад на имунитетот, стрес, други болести но секоја следна епизода е пократка и полесна од примарната ( во просек од 2-10 епизоди годишно ).
Како се дијагностицира?
Најчесто лицата не се свесни за својата инфекција, заради што е отежната навремената дијагноза. Таа може да се постави преку инспекциски преглед и утврдување на типичната промена; преку земање примерок од раната и од него да се изолира вирусот или во него да се докаже вирусниот антиген ( со ЕЛИСА, имунофлуоресценција и др.). Крвните тестови кои ги докажуваат антителата против ХСВ 1,2 го олеснуваат поставувањето на дијагнозата.
5. Дали гениталниот херпес е сериозна болест?
Кај возрасни лица ХСВ тип2 може да предизвика долготрајни и болни генитални ранички, може да доведе до воспаление на мозокот и неговите обвивки, или пак лицата кои имаат ген.херпес може да бидат суспектни за ХИВ инфекција. Кај жени се поврзува со појава на рак на грло на матка.
Кај трудници, кои во текот на бременоста имаат активен ген. херпес, постои ризик за пренесување на инфекцијата на новороденото во тек на породувањето, заради што се препорачува породување со царски рез.
6. Постои ли терапија за генитален херпес?
Не постои лек кој може да ја излекува херпетичната инфекција, иако постојат лекови како Ацикловир, со кои може да се скрати траењето на епизодата и да се спречи повторно манифестирање.
7. Како може да се заштити од генитален херпес?
Правилна и постојана употреба на латекс кондоми при сексуален однос е најсоодветна заштита од ХСВ, иако понекогаш кондомот не ја покрива херпетичната раничка и сепак може да дојде до инфекција. Затоа ако еден од сексуалните партнери има генитален херпес, најдобро е секуално да се апстинира до губењето на симптомите.
ГЕНИТАЛНА ХПВ ИНФЕКЦИЈА
1. Што е генитална ХПВ инфекција?
Тоа е полово пренослива болест предизвикана од Human Papilloma virus ( ХПВ ). Тоа е група на вируси со повеќе од 100 различни типови од кои околу 30 се полово преносливи. Некои од нив се означени како високо-ризични ( т.16, т.18 ) заради тесната поврзаност со појавата на рак на грло на матка, анус или пенис, а други пак се ниско-ризични и може да предизвикаат генитални брадавици - кондиломи. Денес повеќе од 50-75% од сексуално активните мажи и жени пројавуваат ХПВ инфекција во текот на животот. Најчеста е кај лица на возраст од 20-24 год.
2. Како се пренесува ХПВ инфекција?
Типовите на ХПВ што имаат афинитет кон гениталната регија се пренесуваат преку незаштитен сексуален контакт. Бидејќи инфекцијата често останува незабележана, лицата кои ја имаат не се свесни за неа и ја пренесуваат на својот сексуален партнер. Постои ризик кај секој, кој е сексуално активен.
Поретко, трудница може во текот на породувањето да го пренесе ХПВ на плодот и кај новороденото да се појават брадавици на душникот.
3. Како се манифестира?
ХПВ инфекцијата најчесто е асимптоматска, а нејзина манифестација се генитални брадавички - Condyiomata acuminata. Тоа се меки, влажни, црвено-розеви промени на кожата т.е слузницата, или лесно издигнати над неа, со различна големина и број ( личат на карфиол ). Се јавуваат во регија на срамни усни, вагина, анус, пенис, или кожа на тестиси. Имаат подолга инкубација т.е од 10 дена до 8 месеци по сексуалниот контакт.
Компликации: крварење, отварање рани, накалемување на инфекција, пречки со мокрење или дефекација, и најтешката т.е малигна трансформација на ген.брадавички.
4. Како се дијагностицира ХПВ инфекција?
При рутински гинеколошки преглед со инспекција, појава на абнормален Папаниколау тест ( со типични промени кои ги дава ХПВ ). Може да се направи и ПСР техника која покажува дали се работи за ниско или високо ризичен тип на ХПВ т.е дали постои зголемен ризик за појава на рак на грло на матка.
5. Како се лекува ХПВ инфекција?
Не постои единствен третман за ХПВ т.е постојат повеќе методи на отстранување на ген.брадавички и ниеден од нив не е унифициран ( локално со цититоксични средства, интерферон, отстранување со ласери сл. ). Во повеќето случаи, промените спонтано се повлекуваат, иако високо-ризичните типови на ХПВ долго опстојуваат и многу често водат до рак на грло на матка.
6. Како да се превенира ХПВ инфекција?
Апстиненцијата е најефикасен начин на заштита од ХПВ.
Сексуално активните лица треба да почитуваат одредени правила за да се заштитат и тоа:
-Да не се има секс со партнер кој има брадавици или слични промени во генитална или анална регија;
-Да се биде свесен дека кондомот може да го намали, но не и отстрани ризикот од пренос на ХПВ инфекција;
-Сексуално активни жени треба да прават редовни ПАП контроли ( барем еднаш годишно! ).
Двајца неинфицирани партнери кои немаат секс со други лица, не може да добијат ХПВ инфекција.
ГОНОРЕА ( ТРИПЕР )
1. Што е гонореа и што ја предизвикува?
Тоа е честа полово пренослива болест, предизвикана од Neisseria gonorrhoeae, бактерија што лесно се размножува во слузницата на влажни, топли места во гениталните органи, како што е грлото на матката, матката и јајцеводите кај жени т.е мочниот канал кај мажи и жени. Исто така може да опстане во уста, грло или анус.
2. Како може да се добие гонореа?
Ризик постои кај секоја сексуално активна личност, но најчесто се јавува кај 15-19 год. девојки и кај 20-24 год. мажи.
Гонореата се пренесува преку сексуален незаштитен контакт ( не мора да има ејакулација за да се пренесе инфекцијата ).
Друг начин на пренос е автоинфекција т.е откако се допираат инфицирани гениталии и потоа се протријат очите, може да се пренесе инфекција на око.
Гонореа исто така се пренесува и од мајка на дете во тек на породувањето ( задолжителна е заштита со капки на очите на секое новородено! ).
3. Кои се знаци и симптоми на гонореа?
Првите знаци најчесто се појавуваат 2-5 дена по инфекцијата, иако може да поминат и 30 дена, во кој период инфицираната личност може да ја пренесува болеста.
Манифестација кај жени: знаците може да се неспецифични и да се помисли на вагинална или инфекција на мочен меур. Првите знаци најчесто се печење или болка при мокрење и вагинален жолт, густ исцедок.
Манифестација кај мажи: често мокрење со печење, болка и јадеж со темножолто исцедок од пенисот.
Аноректална инфекција: чешање, болка или крваво-гнојни столици.
4. Како се дијагностицира гонореа?
Обавезен лекарски преглед ( кај уролог т.е гинеколог ) и одредени микробиолошки анализи со кои може да се утврди дијагнозата, а се зема примерок од секретот од инфицираните органи ( цервикс, мочен канал, ректум ). Брза дијагноза може да се постави преку земање секрет на предметно стакло кој се гледа под микроскоп ( претходно обоен со специјална боја - по Грам ) каде ќе се видат бактериите. Преку анализа на крвта се докажуваат антителата против гонореа.
5. Кои се компликации на гонореа?
Кај мажи, нелекуваната гонореа може да даде воспаление на тестисите и нивните канали што би довело и до стерилитет. Не се поштедени ни простатата нити мочниот канал, што води до пречки со мокрењето.
Кај жени, нелекувана гонореа предизвикува Карлична воспалителна болест ( Пелвиц инфламматорѕ дисеасе ) која не секогаш дава симптоми или може да биде многу тешка со треска, висока температура, стомачна болка, а ги зафаќа внатрешните генитални органи и води до стерилитет или вонматерична бременост.
6. Како се лекува гонореа?
Антибиотици ( од група на Пеницилини ) се основа во третманот на гонореа и треба да се пијат додека се препишани, а не само додека да се повлечат симптомите. Личност која еднаш имала гонореа, може повторно да заболи ако има сексуален контакт со инфицирано лице.
7. Како да се спречи гонореа?
-Користи кондом секогаш кога имаш секс!
-Ограничи го бројот на сексуални партнери!
-Ако се сомневаш дека си инфициран, избегнувај сексуален однос и веднаш јави се на лекар!
-Ако знаеш дека имаш гонореа, информирај го моменталниот сексуален партнер за да се провери и евентуално лекува!
ХЕПАТИТИС
Црниот дроб е најголемиот внатрешен орган кај човекот којшто е сместен во предел над стомакот од неговата десна страна истовремено заштитен од ребрата. Иако да се има здрав црн дроб е важно за секој човек, тоа е од особено значение кај луѓето што живеаат со ХИВ вирусот, имајќи предвид дека кај ваквите лица црниот дроб игра важна улога во преработувањето на анти-ХИВ лековите како и останатите лекови кои се користат во терапијата кај ХИВ инфицираните луѓе.
Зборот Хепатитис означува воспаление на црниот дроб (хепарот) кое може да биде причинето од најразлични фактори: вируси (Hepatitis A/B/C/E...), токсични супстанци ( лекови, алкохол), автоимуна реакција на организмот, како и од други болести. Користењето на дроги, како што се екстази, хероин и кокаинот исто така го оштетуваат црниот дроб.
Хепарот игра улога на филтер (прочистувач) низ кој штетните супстанци присутни во крвта се отсрануваат и исфрлаат од човековиот организам. Во основа функцијата на црниот дроб е и да продуцира, трансформира, складира одредени супстанци (јаглехидрати, минерали, витамини) кои се од огромно значење за одржувањето на биохемиските процеси во организмот и воопшто животот на човекот. Затоа црниот дроб понекогаш го нарекуваме хемиска лабораторија на нашиот организам.
Хепатитис Б и Ц се само дел од групата на хепатитните вируси кои предизвикуваат воспаление на црниот дроб
Хепатитис Б
Причинител: Хепаптитис Б вирус (ХБВ)
Симптоми:
- жолтица (жолта боја на очите и кожата)
- исцрпеност (изнемоштеност, замор)
- болки во стомакот
- губање на апетит
- гадење и повраќање
- болки во зглобовите и мускулите
- зголемена телесна температурa
- исип
Овие симптоми може да бидат доста сериозни а самото воспаление на црниот дроб и смртоносно.
Меѓутоа, повеќето луѓе не забележуваат, па дури и не манифистираат никакви симптоми на инфекцијата (околу 30% од лицата инфицирани со Хепатитс Б не пројавуваат никакви знаци или симптоми)
Поголемиот број на ХБВ инфицирани лица со текот на времето развиваат имунитет кон инфекцијата (акутна Хепатитис Б инфекција која обично трае од 3 до 16 недели), а само кај мал дел од инфицираните Хепатитис Б вирусот продолжува и понатаму да се размножува во организмот по инфицирањето. Околу 5% од инфицираните може да преминат во хронични носители на ХБВ вирусот , што значи дека тие се инфицирани за цел живот, иако може и да не манифестираат никакви знаци или симптоми, но со можност да ја пренесуваат инфекцијата на други луѓе. Специфичностите на индивидуата какошто се генетската структура, имуниот систем се главни одредници кои укажуваат дали кај лицето ќе настапи хронична ХБВ инфекција или не. Кај 1/4 од хроничните носители на ХБВ вирусот постои можност да се развијат хронични воспаленија на црниот дроб како цироза или пак во краен случај појава и на рак на црниот дроб.
Хронични последици од ХБВ инфекцијата се појавува кај:
- 90% од бебињата инфицирани по самото раѓање
- 30% од децата инфицирани на возраст помеѓу 1-5 година од животот
- 6% од лицата инфицирани по 5-та година од животот
Дијагностика: Преку крвните тестови се одредува присуството на Хепатитис Б антигените и антителата коишто покажуваат дека лицето било изложено, односно инфицирано со ХБВ вирусот. Ако фрагменти од самиот вирус, наречени Хепатитис Б површински антигени (ХбсАг) се присутни повеќе од 6 месеци во крвта, тогаш лицето е хроничен носител на вирусот со можност да инфицира и други луѓе. Од друга страна пак, присуство на антитела, а отсуство на антигени од ХБВ вирусот и по 6 месеци во крвта покажува дека лицето се исчистило од Хепатитис Б инфекцијата.
Кога веќе е дијагностицирана хроничната форма на Хепатитис Б инфекцијата, на лицето му се сугерира практикување на редовни контроли и прегледи на црниот дроб. Правењето на крвни тестови кои ги вклучуваат и тестови за проверка на работата на хепарот треба да се спроведуваат на секои 6 до 12 месеци. Тестот за проверка на работата на хепарот го мери количеството на одредени протеини или ензими во крвта кои пак покажуваат колку добро хепарот ја извршува својата функција. Ако лицето веќе има цироза, се препорачува правење на ултразвучно скенирање на секои 6 месеци кои можат да бидат индикатор за појава на рак на црниот дроб. Исто така и преку биопсија со земање на примерок од ткивото на хепарот може да се определи степенот на неговото оштетување.
Тестирање за Хепатитис Б и Ц во Македонија, може да се направи во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје(со плав картон тестот чини околу 200 денари, приватно тестот чини околу 1200 денари), Дијагностичкиот центар во Скопје, Фармахем, Неуромедика, Систина. Цената се движи помеѓу 800-1200 денари
Начини на пренос:
- преку контакт со крв и крвни продукти од инфицирана личност ( користење на: заеднички прибор при интравенско користење на дроги, нестерилни инструменти при медицински интервенции (осбено при стоматолошки интервенции), тетовирање, пирсање, употреба на брич или четкичка за заби од ХБВ инфицирана личност)
- преку незаштитен сексуален однос вагинален, анален и орален
- од мајка на дете (вертикален пренос)
Хепатитис Б вирусот не се пренесува преку вода, храна и социјални контакти (гушкање, бакнување во образ, ракување...)
Превенција:
- вакцината против ХБВ вирусот претставува најдобрата заштита од инфекцијата ( откриена е во 1982 год, препорачливо е рутинска вакцинација од 1-18 година како и вакцинација на оние групи луѓе кои се со висок ризик кон ХБВ инфекцијата интравенски корисници на дроги, хомосексуалци, проституки, здраствени работници (медицински сестри, лекари?)
- употреба на кондом при секој сексуален контакт
- употреба на стерилни игли и шприцеви при интравенско користење на дроги и вакцинирање против Хепатитис Б
- користење на стерилна опрема при тетовирње и пирсање
- ХБВ инфицираните лица не треба да донираат крв, органи, ткива
- Здраствените работници треба да се вакцинираат против Хепатитис Б, секогаш да ги следат рутинските мерки за претпазливост, да бидат внимателни при работа со игли и други остри предмети
- Бремените мајки е пожелно да направат ХБВ тест. На бебињата родени од ХБВ инфицирани мајки треба да им се даде Х-БИГ ( хепатитс Б имуно глобулин) и да се вакцинираат 12 часа по раѓањето
Лекување:
Кај акутната форма од ХБВ инфекцијата терапијата е релативно едноставна и се состои пред се од препораки на лицето да мирува, внесува поголеми количини на витамини и да не конзумира алкохол.
Терапијата кај хроничните носители на ХБВ вирусот е доста посложена и има за цел да се редуцира хепарното воспаление, создавање на антитела, намалување на количеството на Хепатитис Б генетскиот материјал (ДНА) како и уништување на Хепатитис Б антигените. Адефовир дипивоџил, алпха интерферон и ламивудине се три лека кои се прифатени (одобрени) за лекување на лица кои се хронични носители на ХБВ ( Хроничната Хепатитис Б инфекција најчесто се лекува со алпха интерферон со инјектирање на 3 до 5 милион единици 3 пати во неделата). Овие лекови инаку не треба да се даваат на бремени жени. Алкохолот допринесува кон побрзо оштетување на црниот дроб кај ХБВ инфицираните, па затоа на овие лица строго им се забранува негово конзумирање.
Хепатитис Ц
Причинител: Хепатитис Ц вирус (ХЦВ)
Симптоми:
- жолтеникава боја на очите и кожата
- исцрпеност (изнемоштеност, замор)
- темна боја на урината
- болки во стомакот
- губење на апетит
- гадење
Симптомите од инфекцијата кај лица заразени со ХЦВ вирусот варираат, што значи дека помалку од 5% од инфицираните ќе пројават симптоми уште во акутната фаза како жолтеникавост, дијареа и гадење, а само мал дел не пројавуваат никакви симптоми во било која фаза на инфекцијата. Само исклучително мал дел од луѓето инфицирани со Хепатитис Ц вирусот успеваат да ја победат до крај инфекцијата.
Инаку 80% од лицата инфицирани со Хепатитис Ц вирусот немаат никакви симптоми, а кај 75-85 % од инфицираните може да се развие хронична (долготрајна) инфекција.15% од ХЦВ инфицираните може да заболат од цироза за период од 20 до 30 години, а помалку од 3% од инфицираните може да починат како резултат на последиците од хроничното заболување (рак на црниот дроб или цироза)
Дијагностика:
Преку крвните тестови се одредува присуството на Хепатитис Ц антителата коишто покажуваат дека лицето било изложено, односно инфицирано со ХЦВ вирусот, додека пак со ПЦР техниката се мери вирусното оптеретување (количеството на вирусот во крвта).
Антителата од ХЦВ вирусот може да се детектираат кај 7 од 10 лица (70%) кога симптомите ќе се појават и кај 9 од 10 лица (90%) за 3 месеци по започнувањето на симптомите. Меѓутоа , важно е да се нагласи дека дека многу од лицата кои имаа ХЦВ немаат никакви симптоми, што го усложнува неговота рано откривање.
Тестот за вирусното оптеретување (ПЦР тест) е индикатор и за тоа дали организмот по природен пат успеало да ја победи ХЦВ инфекцијата (иако процентот на луѓе кои успеваат да се исчистат од ХЦВ вирусот на ваков начин е многу мал и редок). Имајќи предвид дека целта на анти-Хепатитис Ц терапијата е да се редуцира концентарацијата на вирусот во најмали граници, тестот за вирусното оптеретување исто така се употребува и да ја следи ефективноста на третманот. Со ПЦР техниката е потребно е да поминат 1 до 2 недели по инфицирањето за да се открие присуство на ХЦВ во крвта
Тестот за проверка на работата на хепарот е индикатор повеќе кој ни дава слика за неговото оштетување иако истиот е помалку корисен наспроти оној за Хепатитис Б вирусот.
Преку биопсија, со земање на примерок од ткивото на хепарот исто така може и тоа доста успешно да се определи степенот на оштетување на црниот дроб. Оваа постапка може да помогна да се одреди и видот како и временскиот период на користење на анти ХЦВ терапијата. Всушност понекогаш само со биопсија на хепарот може вистински да се одреди дали лицето кое е носител на Хепатитис Ц вирусот има оштетување на црниот дроб, бидејќи останатите маркери кои го следат црнодробното оштетување може да бидат во нормални граници.
ХИВ инфекцијата може кај некои луѓе и да ја отежни дијагнозата за Хепатитис Ц вирусот, поради што тестот може и да не ги идентификува антителата од овој вирус кај ХИВ+ лица
Начини на пренос:
- преку контакт со крв и крвни продукти од инфицирана личност ( користење на: заеднички прибор при интравенско користење на дроги ? најзагрозена група во однос на оваа инфекција, нестерилни инструменти при медицински интервенции, тетовирање, пирсање, употреба на бриџ или четкичка за заби од ХБВ инфицирана личност, ) ? главен, доминанатен начин на пренос
- преку сексуален контакт ( ваквиот начин на пренос е многу редок, а веројатноста е мала иако таа се зголемува ако сексуалната активност во себе вклучува контакт со крв, најчесто преку незаштитен анален сексуален однос. Истражувањата кај хетеросексуалните партнери покажуваат дека ризикот од пренос на ХЦВ вирусот преку сексуален однос е мал. Меѓутоа ова е доста контраверзна тема, а и испитувањета се сеуште во тек)
- од мајка на дете (за време на породување)
* не постои евиденција дека преку доење се пренесува ХЦВ вирусот
Хепатитис Ц вирусот не се пренесува преку плунка, воздух, вода, храна и социјални контакти (гушкање, бакнување во образ, ракување...)
Превенција:
- не постои вакцина за превенција од Хепатитис Ц
- употреба на стерилна опрема (игли и шприцеви) при интравенско користење на дроги и вакцинирање против Хепатитис Б
- користење на стерилни инструменти при тетовирње и пирсање
- на здраствените работници се препорачува секогаш да ги следат рутинските мерки за претпазливост, да бидат внимателни при работа со игли и други остри предмети (потребно е и вакцинирање против Хепатитис Б)
- употреба на кондом при секој сексуален контакт ( иако преносот на ХЦВ вирусот преку сексуален контакт е поретка појава, пожелно е користење на латекс кондоми особено кај лица кои имаат односи со повеќе партнери, истовремено заштитувајќи се и од останатите Сексуално преносливи инфекции)
- ХЦВ инфицираните лица не треба да донираат крв, органи, ткива
Лекување:
Целта на лекувањето е да се нормализира дејството на ензимите во црниот дроб ( оцена за функционалноста на црниот дроб), да се намали концентрацијата на вирусот, да се подобри општата состојба на црниот дроб ( намалување на воспалителноста) и да се превенира можната прогресија за цироза или рак на црниот дроб.
Третманот за Хепатитис Ц не е доживотен ( како во случај со ХИВ инфекцијата) и обично трае 24 до 48 недели. Обично 3 антивирусни лекови се прифатени (одобрени) во лекувањето на оваа инфекција: алпха интерферон ( кој се дава со инјектирање), со или без антивирусниот лек рибавирин , или пак се користи една нова форма на интерферон наречена пегѕлатед интерферон (пегилиран интерферон) кој се дава во комбинација со рибавирин. Британската ХИВ асоцијација преорачува ХЦВ инфекцијата да се лекува во комбинација на пегѕлатед интерферон и рибавирин, иако несаканите ефекти (силни трески, болки во зглобовите и мускулите и.т.н.) може да бидат доста непријатни (тешки), но кои сепак со текот на времето (во самиот период на лекувањето) постепено се намалуваат. Комбинираната терапија го елиминира ХЦВ вирусот кај 5 од 10 ХЦВ+ лица и доведува да истиот не е детектибилен во подолг период (до 11 години). ХЦВ инфицираните лица исто така треба да се во постојана консултација со својот лекар заради можна појава на болести на црниот дроб. Пиењето на алкохол допринесува кон побрзото оштетување на црниот дроб кај ХЦВ инфицираните лица
Коинфекција
Многу се чести случаевите да ХИВ инфицираните личности се истовремено и носители на Хепатитис А, Б и/или Хепатитис Ц вирусот. Медицинската терминологија за оваа појава е коинфекција.
Имајќи предвид дека ХБВ и ХЦВ вирусот може да предизвикаат сериозни оштетувања на црниот дроб, тоа истовремено значително влијае и во изборот на третман (како и неговата ефикасност) кај луѓето кои се ХИВ инфицирани, поради побарување од дополнителни испитувања и следење на болеста.
ХИВ позитивните личности кои истовремено се и носители на ХБВ вирусот се во поголема опасност да преминат во хронични носители на ХВБ инфекцијата (околу 1/3)
Кај луѓето кои се коинфицирани со ХИВ и ХЦВ вирусот прогнозите како ќе се развива болеста се сеуште неразјаснети. Последните студии сепак покажуваат дека присуствота на ХИВ вирусот може да го забрза оштетувањето на црниот дроб кај коинфицираните личности, и дека кај овие луѓе е поверојатно да имаат побрза прогресија на СИДА. Околу 30-40% од луѓето кои се ХИВ инфицирани се истовремено и носители на Хепатитис Ц вирусот. Особено коинфекцијата со ХЦВ вирусот е изразена кај интравенските корисници на дроги ( 60-90% од интравенските корисници на дроги кои живеат со ХИВ вирусот се носители и на ХЦВ вирусот истовремено)
Во однос на тоа како да се лекува коинфекцијата работите сеуште не се до крај разјаснети, а истовремено постои и подвоеност кај лекарите во однос на начиниот на третманот. Иако некои од анти-ХИВ лековите истовремено делуваат на редуцирање на ХБВ и ХЦВ вирусот во организмот, сепак тоа од друга страна во одреден период од лекувањето и комбинацијата на лековите може да доведе до влошување на работата на црниот дроб, особено кај оние луѓе со сериозни заболувања нацрниот дроб што побарува и дополнителни испитувања, консултации и претпазливо следење на инфекцијата
КАНДИДИЈАЗА
1. Што е генитална кандидијаза и што ја предизвикува?
- Генитална кандидијаза е заболување на вулва и вагина, како и на главата на пенисот
- предизвикана од габата од родот Kandida.
- Заболувањето може да биде изолирана-само на гениталиите или придружено со промени на кожата и слузокожата или внатрешните органи.
- Пренесувањето на болеста по сексуален пат не е од големо значење како другите полово преносливи инфекции.
2. Како се пренесува?
Кандидата е нормален жител во устата и гастроинтестиналниот систем.
- Постојат повеќе фактори кои се одлучувачки за премин на кандидата од домаќин во патоген предизвикувач.Такви состојби се следниве:
- бременост,
- шеќерна болест, како и
- други ендокрини и имунолошки заболувања,
- антибиотици и др.
- преку незаштитен сексуален контакт со инфицирано лице
3. Како се манифестира?
Оралнофарингеална инфекција со појава на:
- бели крпчести наслаги на слузницата
Вулвовагинална инфекција се манифестира со:
-свраб,
-црвенило на вувата,
-со или без појава на исцедок.
Перианална и скротална кандидијаза ( локализирана околу аналниот отвор и во пределот на тестисите), со појава на: црвенило и гнојаници
Системска инфекција обично се манифестира со:
- покачена температура,
- настинка која не реагира на антибиотска терапија.
· Може да се манифестира и како:
бубрежна, инфекција на црниот дроб, слезинката, менингитис, остеомиелит, воспаление на зглобовите, на срцето
4. Како се докажува?
Постојат специфични тестови за дијагноза,и тоа:
-микроскопски преглед на нативен препарат;
-култивирање-засадување на подлога:
-серолошка дијагноза(се зема примерок од крв)
5. Лекување!
Соодветна терапија со антимикотици е успешен третман за која цел може да се употребуваат креми, вагиналети, таблети.
6. Која е заштита од кандидијаза?
- Лечење на заболените и на нивните сексуални партнери, ако е можно и
- елиминирање на предиспонирачките фактори, со што може да се намали честотата од генитална кандидијаза.
КЛАМИДИЈА
1. Што е кламидија/ начин на пренос?
- Тоа е една од најчестите ППИ предизвикана од бактеријата Chlamydia Trachomatis.
- Бактеријата може да се пренесе од една на друга особа преку сексуанни односи или преку орално-генитален контакт.
- Може да се пренесе и преку очи: доколку личноста дојде во контакт со телесните течности кои ја содржат бактеријата, а потоа се допре за своите или неговите очи, на тој начин може да се пренесе инфекцијата.
- Кламидијата исто така може да се пренесе од бремена жена на своето бебе за време на раѓањето.
- Не се пренесува преку пешкири, кваки на врати, или од тоалетни нужници.
2. Какви симптоми дава инфекција со Кламидија?
Кај жени:
- Најчесто повеќето девојки немаат никакви симптоми, тоа значи дека особата може да е инфицирана, а притоа да не знае за тоа.
- Кламидијата најпрво го напаѓа грлото на матката-цервиксот, како и уретрата( каналот за мокрење). Кај некои инфицирани жени може да се појават следниве симптоми:
- променет вагинален исцедок,
- чувство на печење при мокрење.
- Кога инфекцијата ќе се прошири од грлото на матката на фалопиевите туби, кај некои жени нема да се појават никакви симптоми, додека кај оние кај кои ќе се појават се јавуваат следниве:
- болка во долниот дел на стомакот или слабината,
- гадење,
- покачена температура,
- болка за време на сексуалниот однос,
- крварење помеѓу менструаниот циклус.
- Инфицирана бремена жена со вагинална кламидија ќе ја пренесе инфекцијата на своето бебе за бреме на раѓањето, кое кај новороденчето во 50% предизвикува коњуктивитис, а во 20% пневмонија.
Кај мажи:
Најчесто и кај мажите не дава никакви симптоми. Кај некои мажи може да се појави:
- исцедок од врвот на пенисот,
- чешање или чувство на горење околу пенисот,
- поретко и оток на тестисите.
Кламидијата може да доведе до појава на проктитис (инфекција на слузницата која ја обложува слузницата на ректумот), при практикување на анален секс.
Кламидијата исто така е најдена и во грлото кај мажи и жени кои имале орален секс со инфициран машки партнер.
Доколку се појават симптоми, тие обично се јавуваат 1 до 3 недели по контактот.
3. Како се дијагностицира кламидијата?
Постојат неколку типа на лабораториски теста за дијагностицирање на кламидијата. И тоа:
о Земање на брис од инфицираното место ( цервикс или пенис ), со што директно се докажува кламидијата.
о Друг тест е преку примерок од урина,
о Преку серолошка метода ( се зема венска крв, во која се докажуваат антителата).
4. Како се лекува инфекцијата со кламидијата?
- Кламидијата се лекува со антибиотици 1 до 2 недели.
- Двата партнера треба да се лекуваат иако едниот или двајцата немаат никакви симптоми, во спротивно постои можност за повторна инфекција.
- Додека трае лекувањето двата партнера треба да апстинираат или да користат кондом.
5.Какви компликации може да настанат доколку не се лекува кламидијата?
Доколку не се лекува кај мажи
- типично предизвикува уретрална инфекција,
- која може да се прошири и да предизвика епидидимит (цефче кое служи да ја прене спермата од тестисите)
- покачена температура, болак
- СТЕРИЛИТЕТ
Кај жени
- најчесто ги напаѓа клетките на цервиксот,
- не лекувана може да се прошири на матката или на фалопиевите туби (канали кои ја пренесуваат јајце клетката) и
- предизвикува инфекција наречена пелвична воспалителна болест.
Ова се случува кај кај 40% од жените кои не се лекувале.
Пелвичната воспалителна болест може да доведе до:
- оштетување на фалопиевите туби,
- утерусот,
- како и ткивото кое ги опкружува јајчниците Оштетувањето доведува до:
- хронична пелвична болка,
- инфертилитет, како и
- ектопична бременост(бременост надвор од матката).
Кај бремени жени, постојат докази дека кламидијата може да доведе до прерано породување. Бремените инфицирани жени со кламидијата за време на пораѓајот ќе ја пренесат инфекцијата на новороденчето предизвикувајќи пневмонија и коњуктивитис.
6. Како да се превенира инфекција со кламидија?
Апстиненцијата е најефикасен начин на заштита.
Сексуално активните лица треба да почитуваат одредени правила за да се заштитат и тоа:
- Употреба на кондом при секој сексуален однос;
- Намалување на бројот на сексуалните партнери;
- Скрининг тест.
МИКОПЛАЗМА
1. Што е Микоплазма и што ја предизвикува?
- Тоа е полово пренослива болест, предизвикана од Ureaplasma urealyticum и Mycoplasma Hominis, - Тоа се транзиторни микроби на урогениталната слузокожа кај сексуално активни лица
- При поволни услови опортунистичките микроби предизвикуваат инфекција на бартолиниевите жлезди, вагината, грлото на матката, јајцеводите, мочниот канал кај жени и мажи и , простатата и епидидимусот.
2. Како може да се добие?
- Се пренесува преку сексуални активности, посебно при повторни сексуални односи со инфицирани партнери,
- Голем број на партнери го зголемува ризикот за инфекцијата
- Бремена жена може да ја пренесе инфекцијата на новороденчето за време на раѓањето преку родилните патишта
3. Кои се знаци и симптоми?
Манифестација кај жени:
најчесто не дава никакви симптоми, а доведува до воспаление на вагината, цервиксот-грлото на матката, може да се прошири и да доведе и до пелвична инфламаторно заболување, кое се манифестира со воспаление на матката и јајчниците. Симптомите се слични како и при кламидија инфекција.
Кај мажи:
Најчесто се манифестира при уретрит-воспаление на мочната цевка, со:
печење или свраб во мочниот канал со слузав ретко гнојав, беличаст или жолтеникав исцедок од пенисот, кој најчесто се јавува само наутро во вид на една капка.
Покрај тоа може да доведе и до воспаление на простатата, како и на епидидимусот.
Тие ( предизвикувачите ) имаат способност да се прикачат на сперматозидите поради што овие ја губат својата подвижност и виталност, што преставува причина за намалена можност за оплодување на јајце клетката-забременување.
4. Како се дијагностицира ?
Покрај неопходниот лекарски преглед ( кај уролог т.е гинеколог ) постојат одредени лабараториски анализи со кои може да се утврди дијагнозата, и тоа:
- примерок од секретот од инфицираните органи (цервикс, вагина, мочен канал ), со што директно се докажува кламидијата.
- Друг тест е преку примерок од урина ( кој се применува кога постои воспаление на простатата и пореметувања во спермата )
- Преку серолошка метода ( се зема венска крв, во која се докажуваат антителата).
5.Какви компликации може да настанат ?
Кај маж, нелекуваната може да даде воспаление на тестисите и нивните канали што би довело и до стерилитет. Не се поштедени ни простатата нити мочниот канал.
Кај жени, нелекувана предизвикува Карлична воспалителна болест ( Pelvic inflammatory disease ) што не секогаш дава симптоми, или може да биде многу тешка со треска, висока температура, стомачна болка, а ги зафаќа внатрешните генитални органи и води до стерилитет или вонматерична бременост, спонтан абортус,смрт на плодот, мртвородено.
6.Како се лекува?
- Се лекува со антибиотици 1 до 2 недели, исто како и при кламидија инфекција
- Двата партнера треба да се лекуваат иако едниот или двајцата немаат никакви симптоми, во спротивно постои можност за повторна инфекција.
- Додека трае лекувањето двата партнера треба да апстинираат или да користат кондом.
7.Како да се спречи?
- Користење кондом при секој сексуален однос
- Ограничување на бројот на сексуални партнери
- Сексуална апстиненција
- Лекување на двата партнера ( доколку постои инфекција )
СИФИЛИС (ЛУЕС)
1. Што е сифилис и што го предизвикува?
Сифилис е полово пренослива болест предизвикана од бактерија - Treponema pallidum . Се јавува кај сексуално активни лица, најчесто мегу 20-29 год. возраст.
2. Како се пренесува?
- Најчесто преку незаштитен сексуален контакт со инфицирано лице.
- Директен контакт со секрети од болниот или со инфицирана крв.
- Вертикален пренос - од бремена жена на плодот во кој било период на бременоста.
3. Како се манифестира?
Сифилис е болест која се одвива во три стадиуми означени како примарен, секундарен и терцијален сифилис.
- Примарен стадиум: безболна раничка ( улкус дурум ) се јавува 2-3 недели по иницијалниот контакт и често останува незабележана посебно ако е лоцирана на грлото на матката или во ректумот. За 4-6 недели спонтано се повлекува.
- Секундарен стадиум: ова е најзаразниот стадиум на луес. Се јавува кај една третина од нелекуваните пациенти и тоа 2-8 недели по појавата на примарната раничка. Тој е резултат на навлегување на бактеријата во крвта и се манифестира со кожен исип ( најчесто на труп, дланки и табани, лице ), промени ( исип или ранички ) во уста, грло или гениталии, зголемени лимфни жлезди, опаѓање коса и општи знаци на инфекција (покачена температура, болки во коски, зглобови и сл.). Поминува за неколку недели до година, преминувајќи во латентна фаза т.е фаза без симптоми.
- Терцијален стадиум: крајна фаза на сифилис кај нелекувани болни, со оштетување на мозок ( ЦНС ), циркулаторен систем (аорта) или појава на деструктивни промени ( гуми ) на кожа, црн дроб, коски и зглобови.
4. Како се докажува сифилис?
Постојат специфични тестови за дијагноза, во зависност од стадиумот на болеста. Лекарски преглед и откривање на примарната раничка од која ќе се земе примерок ( брис ) кој се гледа под микроскоп ( во темно поле ) за да се види бактеријата како и крвни серолошки тестови ( крв најдобро е да се земе по 6 недели од појава на примарната раничка ) се доволни за потврда на сифилис.
5. Кои се компликации на сифилис?
- Трајни оштетувања на мозок, очи, слух, ( неуролуес ), оштетувања на аорта, кожа и коски и сите промени од терцијалниот стадиум.
- Вроден сифилис ( заради пренос во тек на бременост ).
6. Лекување!
Соодветна терапија со антибиотици ( Пеницилин ) навреме започната, е успешен третман за сифилис, со редовно следење на состојбата и доволно долго за да се спречи развивање на компикации.
7. Која е заштита од сифилис?
Избегнување на ризично сексуално однесување со користење кондом при секој сексуален контакт како и рана дијагноза и лекување на заболеното лице, спречува појава и ширење на сифилис.