"МЕТАЛЦИТЕ" ЧЕКААТ УШТЕ ЕДЕН АМЕРИКАНЕЦ
Куртис Рајс - божиќен подарок за МЗТ Скопје
Американецот Куртис Рајс (1982год.- 201см) е последното име на списокот на играчки засилувања за екипата на МЗТ Скопје во зимскиот преоден рок.
Само неколку дена по влегувањето во Новата 2008 година, "металците" го добија Рајс.
Играч со кој практично "металците" имаат потпишано договор и тоа уште во текот на летото. Но поради повреда, која Рајс во меѓувреме ја санираше во САД, неговото доаѓање доцнеше за неколку месеци.
Она што е посебна специфика за Куртис Рајс е дека се работи за еден би се рекло универзален играч, кој може да ги покрие и позицијата "3", но и позицијата "4". Располага со одличен шут од дистанца, но и за три поени, а во одбраната да се "спушти" и на една позиција пониско.
Во својата кариера забележал настапи за средното училиште во Солт Лејк Сити во Јута. Потоа се сели во Мек Кук школото каде во две сезони има просечни 17 поени и 7 скока.
Во сезоната 2003/2004, Рајс заминува на Универзитетот Чарлстон. Во таа сезона на 28 натпревари во НЦАА лигата има просек од 12.6 поени, 4.9 скока и 2.5 асистенции, слично и во следната каде е на просек од 50.7 % во шутот за два и 40.9% за три поени.
Потоа патот го води до далечната Аргентина, каде игра за малку познатата екипа Хувентуд Сиониста де Парана.
За прв и досега единствен пат во Европа, Рајс се појавува на 6 ноември 2006 година, кога потпишува за турскиот прволигаш Дузче Генчлик, каде со просек од преку 20 поени му носи опстанок на својот тим и заработува повреда, поради која мора да паузира во текот на есенскиот дел.
Б. Радуловиќ
Во тимот и Конзулов и Рамадан?
Филип Конзулов и Ерхан Рамадан, најверојатно, ќе бидат нови играчи на МЗТ Скопје во наредниот дел од сезоната.
Во првиот дел поранешниот младински репрезентативец настапуваше за второлигашот Плејмејкер Кубус, додека, пак, поранешниот играч на "металците" го носеше дресот на екипата на К. Соколи 2000.